Скопските ривали Работнички и МЗТ Скопје ги прават последните подготовки пред нивното дерби што се игра в недела во Кале.
Аеродромци повторно во мечот ќе влезат од далеку поповолна позиција и со подобри резултати зад себе што ги прави фаворити на овој меч. Повратникот во тимот на МЗТ Скопје, Хуан Дејвис добро знае што значат дуелите со Работнички бидејќи и во првиот престој во редовите на македонскиот шампион имаше можност да игра против тимот од Градски парк и се радува на новиот предизвик.
„Знам дека дербито е многу важен и натпревар исполнет со страст. Кој не сака вакво ривалство? Знам дека традицијата датира многу години наназад, што само по себе зборува за значењето на овие дуели.
Очекувам добар натпревар со одлична атмосфера, очекувам да игрме со многу енергија, мотивација и фокус, и да го дадеме максимумот на терен за да победиме. Најважно, очекувам нашите неверојатни навивачи (Family Aerodrom) да донесат голема поддршка и енергија. Ги охрабрувам да дојдат и да не поддржат како и секогаш, нивното присуство многу ни значи“, рече Дејвис за КОШ.МК.
Иако не ја почна сезоната со МЗТ Скопје, тој игра се подобро и е исклучително значаен сегмент во шампионскиот тим. Неговиот менталитет на победник му носи многу позитивни елементи на составот на Васко Атанасов.
„Благослов е што можам да играм и му благодарам на Бог што ме чува здрав. Засега сум задоволен од сезоната. Очигледно се наоѓаме на добри позиции во двете натпреварувања во кои учествуваме иако имаме уште долг пат пред нас за да го достигнеме нашиот целосен потенцијал. Но, секој ден сме заедно, работиме напорно и чекор по чекор одиме кон крајната цел и задоволен сум од нашата работна етика. Индивидуално, задоволен сум делумно – сакам целосно да се вратам во форма, но со оглед на тоа што не играв подолго време, задоволен сум што и понатаму можам на различни начини да му помогнам на тимот да стигне до победите“, додава Дејвис.
МЗТ Скопје до крајот на годината има три натпревари од кои два во домашното првенство и еден во АБА 2 лигата. Три победи на овие дуели ќе донесат прекрасна атмосфера во Аеродром за новогодишните и божиќните празници.


