Екипата на ТФТ ја задржа челната позиција на табелата во Суперлигата откако славеше во дербито на 12. коло против Кожув со 96-83.
Натпреварот кој на периоди беше и премногу воинствен и донесе жестоки судири на актерите од двете екипи, беше решен благодарение на подобрата игра на ТФТ во третата четвртина. Во останатите три периоди се играше максимално израмнето и Кожув имаше свои шанси да дојде до победа.
Првата и втората четвртина завршија нерешено (23-23 и 21-21), па и на полувреме двете екипи имаа идентичен број поени – по 44. Во третиот квартал се разигра Дејвис кој во тие десет минути постигна 18 поени и ја направи разликата во корист на ТФТ. Кожув имаше +8 (55-47) на влезот на второто полувреме, но нешто подоцна, домаќините направија серија од 10-0, односно 17-2 и на две минути пред крајот на третата четвртина, ТФТ водеше со 73-63.
Последната шанса да фати резултатски приклучок и евентуално да дојде до победата, Кожув ја имаше на две минути пред крајот на мечот кога се доближи на 83-89, но ТФТ одговори со седум поени по ред и стави точка на мечот.
Дејвис со 25 поени беше најефикасен во тимот на ТФТ, а додаде уште седум асистенции и шест скока за индекс 30. Пурвис ги предводеше гостите со 29 поени, Кожув постигна и 15 тројки, но ни тоа не беше доволно за победа на овој меч.


