Вчера официјално почна новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига (Втора по ранг), а на стартот се издвои резултатот на повратникот во оваа конкуренција Вардар.
На домашен терен „црвено-црните“ го совладаа Тетекс со 99-65, но тоа и не е толку чудно ако не се знаат условите во кои функционира клубот оваа сезона. Уште минатата натпреварувачка кампања, стручниот штаб и управата одлучија да им дадат шанса на младите играчи, претежно од својата школа со тоа што сега овој план е потврден, без разлика на пласманот и резултатите.
Со исклучок на ветеранот Милорад Миновски кој се врати во екипата по пауза од неколку години, останатите 13 кошаркари во составот предводен од Александар Јованчев се тинејџери, родени меѓу 2006 и 2009 година со што Вардар е можеби најмлад тим во сениорската кошарка во Македонија. Најголем дел од нив се младински репрезентативци на Македонија и кошаркари пред кои е светла иднина во земјава или странство.
Дека годините на нив ништо не им значат, најдобро потврдува тоа што играа како со години да настапуваат во сениорска конкуренција и дури петмина завршија со двоцифрен број поени: 17-годишните Жарко Терзиевски (16 поени), Ѓорѓевиќ (15), Данев (13) и Стојановски (11), како и Миновски (11).
Во првото коло и Овче Поле оствари убедлива победа, совладувајќи го Спортисимо со 87-56, додека Мега Баскет беше подобар од Црн Дрим со 86-80.


