Ненад Димитријевииќ и Ти Џеј Шортс ќе го сочинуваат еден од најубиствените тандеми во квалификациите за Европското првенство.
Димитријевиќ веќе одигра три меча во овој циклус и постигна точно 100 поени, а Шортс е еден од најдобрите плејмејкери во Евролигата и меѓу најсериозните кандидати за МВП признанието во елитното натпреварување. Двајцата имаат огромна желба да ја однесат Македонија на континенталниот шампионат, но за тоа, освен наши победи против Естонија и Полска, ни е потребен пораз на Естонците од Литванција во последното коло.
„Естонија е незгодна екипа. И минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да направиме успех и да направиме изненадување на нивниот терен. Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека двајцата (со Ти Џеј Шортс) сме добри играчи и дека може за два три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата, што е најважно. Мислам дека до натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвени. Прво мислам дека треба да бидеме пофизички. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Tреба да излеземе од прва минута за победа.“, рече Димитријевиќ на денешната прозивка.
Репрезентацијата до среда ќе тренира во Скопје, а потоа патува во Талин каде в петок се среќава со Естонија.


