И шест години по фамозниот драфт во кој не го избра Лука Дончиќ, Владе Дивац уште е на тапет за потегот кој можеше драстично да ја смени историјата на Сакраменто Кингс.
Откако Феникс како прв пик го избра Диандре Ејтон, Дивац, кој тогаш беше генерален менаџер на франшизата од Калифорнија, го прескокна Дончиќ и се одлучи за Марвин Бегли. Атланта потоа го избра Дончиќ, но го размени со Далас за Тре Јанг што се покажа одличен потег на Мавс. И покрај жестоките критики од сите страни Дивац и натаму ја брани својата одлука која подоцна го чинеше отказ од Кингс.
„На истата позиција тогаш го имавме Диерон Фокс, драфтуван една година претходно. Во тој момент сметав дека Фокс е играч кој во следниот период може да ја носи екипата. Времето ќе покаже дали сум погрешил. Како што сега стојат работите, изгледа погрешив, но уште верувам дека Фокс ќе има подобра кариера од Дончиќ“, изјави Дивац за хрватскиот портал Индекс.
Дончиќ во меѓувреме стана еден од најдобрите играчи во НБА, пет пати беше Ол стар, а минатата сезона го однесе Далас до финалето и беше најдобар стрелец во основниот дел. За разлика од него, Фокс, кој е нешто повеќе од една година повозрасен и со подолг стаж во НБА, забележа само еден настап на Ол стар натпреварите, а откако тој игра, Сакраменто само еднаш успеа да се пласира во плејофот и беше елиминиран во првата рунда.


