Поради конфликтот со Кошаркарската федерација на Македонија, Работнички пред крајот на 2024 година доби забрана да ја користи големата сала во СРЦ Кале, па во вториот дел од сезоната своите натпревари како домаќин ќе ги игра во соседството.
Од Нова година, 15-кратниот шампион на Македонија тренира во малата сала во истиот центар, сала која му припаѓа на Кошаркарскиот клуб Вардар, а таму ќе го пречека и Шкупи во првото коло од продолжението на првенството. Натпреварот е закажан за недела од 13 часот кога Работнички ќе се обиде да стави крај на мини-серијата од два пораза.
Сето ова се случува во период кога е почнато реновирањето на салата Градски парк чие завршување е најавено за крајот на оваа година. Тоа значи дека и на почетокот од идната сезона Работнички ќе мора да бара алтернативно решение за одржување на своите тренинзи и натпревари како домаќин.


