Поранешниот француски репрезентативец Тома Ертел претпладнево пристигна во Каталонија за да ги помине лекарските прегледи и да биде претставен како нов играч на Барселона, но до тоа најверојатно нема да дојде.
Каталонскиот весник Спорт објави дека договорот е пред колапс поради големата фама што се направи кај навивачите откако беше објавено дека е постигната согласност за враќање на Ертел во Барса. Французинот има бурно минато со поранешниот шпански и европски шампион, но фановите не можат да му простат што тајно преговараше со Реал во 2020 година иако тогаш беше играч на Барселона. Најжестоките навивачи преку социјалните мрежи почнаа петиција за прекин на преговорите и тоа најверојатно ги натерало челниците да се премислат и покрај фактот што на Жоан Пењароја очајно му е потребен плејмејкер.
Приказната околу него е далеку од завршена, но ако навистина пропадне договорот, тоа ќе биде уште едно големо понижување за Ертел од Барса, како она пред четири години кога беше оставен сам на аеродром во Истанбул.
Последните информации во шпанските медиуми се дека Ертел место во Барселона, ќе се пресели во Естудијантес, но засега нема потврда од ниедна од засегнатите страни.


