Дебитантот во елитната кошаркарска лига на Македонија, Маџари можеше да биде тотална сензација во првенството, но немаше среќа и се уште ја очекува првата победа.
Од досегашните четири натпревари, тимот предводен од младиот стручњак Миодрад Тодоровиќ доживеа три порази меѓу три и седум поени разлика и еден на продолжение, ао во секој од нив имаше реални шанси да триумфира. Против МКК Куманово водеше и со 18 разлика, против Пелистер и +14, а против ТФТ +11. Единствено немаше водство против МЗТ Скопје, но и со шампионот, во последната четвртина се доближи на само два поена.
Нова шанса за историска прва победа во елитата, Маџари ќе има в недела кога ќе го игра првиот натпревар како домаќин. Ждрепката сакаше во првите две кола, тимот од Гази Баба да биде гостин, потоа, поради обврските на Пелистер во ФИБА Европа купот беше променето домаќинството со битолскиот состав, а во четвртото коло исто така играше како гостин против градскиот ривал ТФТ.
Маџари ќе биде домаќин во Кале и таму, в недела од 19 часот, ќе го пречека тимот на Тиквеш, во надеж дека ќе дојде и до првиот триумф во сезоната и ќе се одлепи од дното.


