На три кола пред крајот на основниот дел од сезоната, во „Јане Сандански“ се игра можеби клучниот натпревар за првото место на табелата.
Денеска се среќаваат водечките две екипи МЗТ Скопје и ТФТ и победникот од овој дуел барем по 20. коло ќе биде на лидерската позиција, а ќе има голема шанса таму да остане и до плејофот. Во случај на триумф, изразен со повеќе од пет поени разлика, шампионот веќе денеска ќе ја запечати првата стартна позиција во разигрувањето за титулата. Ако слави ТФТ, ова коло ќе го заврши како лидер, но во последните два круга, против Тиквеш и Пелистер ќе мора да го потврди тоа место.

ТФТ досега имал неколку историски победи против МЗТ Скопје, но никогаш не го совладал во Аеродром што е уште еден елемент поради кој бранителот на титулата е голем фаворит на овој меч. Во случај да загуби, ТФТ ќе ја доведе во прашање и втората позиција бидејќи Работнички или МКК Куманово ќе го стигнат на табелата.
Овие две екипи се среќаваат во вториот дерби дуел викендов, утре во Кисела Вода. Првиот меѓусебен меч на МКК Куманово и Работнички заврши со сензационална победа на кумановци, не поради резултатот, туку затоа што Урош Луковиќ постигна тројка од цел со истекот на времето. Работнички одигра одличен натпревар минатиот викенд во Битола и со евентуален триумф ќе се избори за место зво топ-4.
Дуелот ќе има дополнително значење поради тоа што Марин Докузовски, долгогодишниот тренер на Работнички првпат откако си замина ќе води екипа против него како гостин, а ривал ќе му биде Горан Самарџиев, пуленот од неговите тренерски денови во Градски парк.


