Драстично ослабен, со неиграњето на дури петмина кошаркари, поранешниот шампион на Македонија, Работнички доживеа еден од најубедливите порази во својата историја откако попладнево во Кале загуби од Пелистер со 75-115.
Срамот беше најавен уште пред два дена кога стана јасно дека поради административни проблеми, скопскиот клуб не може да ги регистрира тројцата странци, а од други причини не играа ниту репрезентативците Стојан Ѓуроски и Дамјан Робев. На тренерот Владимир Мирковски на располагање му останаа само деветмина кошаркари, од кои двајца 14-годишници со кои денеска му излезе на мегдан на Пелистер, а од поискусните, тука беше само капитен Ефремовски.
И во такви услови, тимот од Градски парк некако се држеше во првото полувреме во кое Пелистер имаше двоцифрена предност, но далеку од тоа дека победникот беше решен. Битолчани ги решија сите дилеми во третата четвртина која ја добија со 37-16, а дебаклот на домашниот тим беше само потврден во последните 10 минути.
Ефремовски не можеше да се надева на помош од младите соиграчи, па мораше сам да ги решава работите и постигна повеќе од половина поени на Работнички (38), со шест тројки, исто така повеќе од половина на својот тим. Пелистер, очекувано, беше поразновиден во нападот, сите од стартната петорка постигнаа двоцифрен број поени, а најефикасен беше Никола Малешевиќ кој броеше до 22. Ако Работнички наскоро не ги реши проблемите со финансиите и администрацијата, ова ќе биде уште една тешка сезона за 15-кратниот шампион, како уште многу такви во последните 16 години.


