Како играч со најдолг стаж во Работнички, капитенот Виктор Ефремовски има желба да го крене моралот на екипата и да го поведе во поход по скалпот на шампионот.
Денеска од 18 часот се игра големото дерби на македонската кошарка меѓу Работнички и МЗТ Скопје, а Ефремовски е категоричен дека неговиот тим има сила за добар резултат.
„Сите знаеме колкаво значење има овој натпревар за македонската кошарка. Ова дерби буди огромни емоции кај нас, а верувам и кај МЗТ. Очекувам дека ќе биде тешко и за двата тима, бидејќи ваквите натпревари се многу неизвесни и немаат фаворит. Верувам дека и двете екипи ќе излеземе на теренот со полна сила, енергија и максимален фокус. И покрај тоа што ростерот ни е скратен и не сме комплетни, тие што останавме ќе дадеме сѐ од себе за да победиме. Секако, поддршката од нашите најверни навивачи е клучна за да останеме мотивирани и да ја одржиме енергијата до крај“, рече Ефремовски за КОШ.МК.
Работнички има биланс 5/4 во досегашните девет кола од Суперлигата, а потребна му е победа против МЗТ за да остане во горниот дел од табелата.


