Невидена срамота е видена денеска во главниот град на Каталонија каде поранешниот француски репрезентативец Тома Ертел прво потпиша за Барселона, за потоа на аеродромот да му биде соопштено дека од тоа нема ништо.
Причина за ваквото сценарио е незадоволството од оваа одлука бидејќи не му го простиле предавството на Ертел од пред четири години кога тајно преговараше со Реал за потоа да заигра во мадридскиот клуб. Сепак, однесувањето на челниците на Барселона е на ниво на аматеризам поради што денеска е предмет на потсмев во европската кошарка.
Во текот на денот Ертел одржа прес-конференција на која истакна дека она што го доживеал е болно, особено поради тоа што со себе ги повел сопругата и детето и целосно се преселиле од Кина, каде играше до неодамна.
„Се чувствувам како Барса да ми се смее, тоа е големо непочитување. Првиот пат беше во Истанбул, многу се зборуваше за тоа и многу работи беа лажни. Овојпат е поинаку, но и многу полошо од тоа“, рече Ертел.
Официјално, одлуката да се раскине договорот со Ертел е притисокот од навивачите, но Французинот смета дека клубот воопшто не требал да преговара ако е таква ситуацијата. Барселона го остави Ертел на аеродром во Истанбул во 2020 година, во период на корона пандемијата затоа што тогашниот тренер Шарунас Јасикевичиус и управата имале информации дека тој преговара со Реал.


