Екипата на Феникс направи големо изненадување откако попладнево славеше во градското дерби со Работнички со 71-67.
Составот од Гази Баба заслужува честитки бидејќи до големиот триумф дојде благодарение на големиот пресврт во второто полувреме откако претходно имаше негатива и од 15 разлика. Работнички отвори со 10-0 и се чинеше дека лесно ќе дојде до триумфот, но Феникс брзо се разбуди и до крајот на четвртината израмни на 15-15, а во вториот период и поведе со 17-15.
По неколку промени на водството, Работнички направи серија од 15-0 меѓу втората и третата четвртина и поведе со 39-25 за нешто подоцна да ги достигне највисоките +15 (47-32). И така беше се до финишот од третиот квартал кога Феникс почна да се враќа во игра. Направи серија од 12-2 за преземање на водството (61-59), но Работнички успеа да реализира неколку напади и на помалку од две минути пред крајот да поведе со 66-63.
И тоа беше се од поранешниот шампион, Феникс постигна шест поени по ред, домаќините не искористија неколку напад, а кулминација на дебаклот на Работнички беше техничката грешка на клупата при водство на гостите од 69-66 по што Рахма погоди слободно фрлање на седум секунди пред крајот и стави точка на сите дилеми.
Рахма со 24 поени беше најефикасен во тимот на Феникс, но се истакна и Ниа со дабл дабл од 16 поени и 11 скока. Томпсон со 18 поени го предводеше Работнички, Хатсон постигна 16 поени и 11 скока, но новиот играч на тимот од Градски парк, Роберт Рикиќ остана без реализација.


