Екипата на Феникс го победи Шкупи со 78-73 во последниот натпревар од 11. коло што воедно беше и последен меч од првата полуетапа во Првата македонска кошаркарска лига.
Двете екипи се менуваа во водство во текот на целиот натпревар, а највисоката предност ја имаше Шкупи на стартот од второто полувреме кога водеше со 47-38. И во последните десет минути гостинскиот тим влезе со +5 (60-55), но потоа следуваше пресвртот на Феникс, вреден победа.
Последната четвртина Феникс ја почна со серија од 8-1, Шкупи сепак успеа да се задржи во игра, а прашањето околу победникот беше решено во последноте три минути. По 70-68 за Шкупи, домаќините направија 7-1 и на 94 секунди пред крајот поведоа со 75-71, Златевски го врати противникот на -2, а по неколку неискористени напади на двете страни, Митревски и Бертранд во финишот ставија точка на мечот.
Митревски беше најефикасен во тимот на Феникс со 23 поени, Марфи додаде 15, а Димитриев 11. И Трајбл во тимот на Шкупи постигна 23 поени.


