Првпат по 2019 година, Гевгелија ќе биде домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија кој годинава ќе се одржи по 33. пат, петти под името „Благоја Георгиевски Буштур“.
Трофејот го брани тимот на МЗТ Скопје кој е и најуспешен тим во ова натпреварување со 12 титули, две повеќе од Работнички. Тимот предводен од Васко Атанасов и сега е прв претендент за пехарот, но Купот често пати носел големи изненадувања, па тешко е да се прогнозира кој ќе си замине со трофејот овојпат. Најсвежи примери за тоа се сензационалниот успех на ТФТ во 2022 и пласманот во финалето на Феникс една година подоцна.

Својата шанса сега ја гледаат и другите учесници во ова натпреварување, пред се домаќинот Кожув кој сигурно ќе има поддршка од навивачите, потоа МКК Куманово предводен од Марин Докузовски, Пелистер кој од неодамна има српски стручњак со НБА искуство на клупата, ТФТ кој пред три години ја прекина доминацијата на МЗТ Скопје, како и Работнички кој во никој случај не смее да се потцени и покрај тоа што сезонава игра променливо.
Програмата почнува денеска од 13 часот кога ќе се сретнат ТФТ и Гостивар, а дуел на денот е третото „вечно“ дерби сезонава, меѓу Работнички и МЗТ Скопје кој се игра од 20:30 часот. Полуфиналните натпревари се играат утре, а финалето е в недела.
Утре и задутре, исто така во Гевгелија, ќе се игра Купот на Македонија и во женска конкуренција, а ќе учествуваат Крива Паланка, Вардар, Баскет Кам и Бадел.


