Екипата на Кожув го израмни најголемиот успех во својата историја кога станува збор за Купот на Македонија откако обезбеди пласман во финалето од ова натпреварување, вторпат во неговото постоење.
Првиот пат, гевгеличани играа во мечот за трофејот пред точно една деценија кога во финалето загубија од Работнички во „Јане Сандански“ со 66-74. Во тогашното полуфинале, Кожув направи сензација, совладувајќи го домаќинот и актуелен шампион МЗТ Скопје со 75-74 на негов терен, со тројката на Пековиќ во последните секунди.
Интересно е тоа што и во денешното финале Кожув за противник ќе го има МЗТ Скопје кој повторно е актуелен шампион и бранител на трофејот во Купот. Разликата е во тоа што пред 10 години тимот од Гевгелија имаше мал број навивачи на трибините, а сега на домашен терен ќе има околу 2.000 фанови кои ќе дадат се од себе да му помогнат на својот омилен тим да дојде до најголемиот успех во својата историја и на градот да му го донесе првиот кошаркарски трофеј.

Мислењето на стручњаците е дека, сепак, МЗТ Скопје е голем фаворит за победа на вечерашниот меч откако аеродромци во полуфиналето и финалето буквално ги прегазија Работнички и Пелистер со вкупно 49 поени разлика. Васко Атанасов во својот состав има плејада искусни кошаркари кои добро знаат како се освојуваат трофеи и кои се најдобри кога е најпотребно.
МЗТ Скопје е освојувач на последните осум пехари во македонската кошарка, почнувајќи од шампионската титула во 2022 година и тоа е уште еден аргумент на страната на тимот од Аеродром. Последен кој му застана на патот беше ТФТ во Купот на Македонија пред три години и оттогаш никој не може да се мери со МЗТ. Кожув ќе се обиде да го повтори подвигот, а и да ја повтори играта од ноемврискиот натпревар против МЗТ Скопје во „Јане Сандански“ кога беше пред изненадување, а на крајот загуби со шест разлика.
Финалето во машка конкуренција се игра вечерва од 19:30 часот, а од 17 часот, во женска конкуренција ќе се сретнат Вардар и Баскет Кам.


