И по пет натпревари оваа сезона, Кожув остана непоразен на домашен терен, а вечерва го зеде најголемиот скалп во Првата лига.
Во Гевгелија е поразен Работнички со 81-79 по што Кожув излезе пред скопскиот тим на табелата во Првата македонска кошаркарска лига. Победникот беше решен во финалните секунди откако претходно Работнички испушти девет поени предност во последната четвртина.
Во првото полувреме ниедна од екипите не направи поголема предност од четири разлика, а во вториот дел Работнички постојано беше во предност. Во финишот од третиот период беше 56-48 за гостинскиот тим, а на средината од последниот квартал Работнички ги достигна највисокит 68-59.
Кожув не дозволи тука да биде крајот, направи серија од 8-0 и се доближи на само еден поен негатива за на две минути пред крајот да поведе со 77-76. Шошкиќ го врати Работнички во предност, но Вилсон од линијата за слободни фрлања се избори за 79-78 за домашниот тим. Во следниот напад Шошкиќ се најде на линијата и погоди еднаш од двата обида, колку да го израмни резултатот. На Кожув му останаа 17 секунди за напад, топката ја зеде Вилсон и успеа да погоди за водство кое се покажа доволно за седма победа на Кожув оваа сезона.
Двете екипи беа десеткувани на овој меч. Кај Кожув го немаше најдобриот игра Андреја Стевановиќ, додека Работнички настапи без Ѓуроски и Дубински. Во такви услови, Пилепиќ го предводеше домашниот тим со 27 поени, а Шошкиќ го одигра својот најдобар натпревар во Првата лига постигнувајќи 26 поени, 7 скока и 5 асистенции.


