Еден од најквалитетните македонски стручњаци Ѓорѓи Кочов е назначен за прв асистент на новиот селектор на сениорската репрезентација Хозе Марија Берокал.
Кочов веќе петта сезона работи во Германија, како помошник во Кемниц, а претходно со голем успех го водеше МЗТ Скопје. Со клубот од Аеродром освои титула во македонското кошаркарско првенство во 2019 година и беше на чекор да го повтори успехот година подоцна, кога шампионатот беше прекинат поради корона пандемијата. Имаше успех и на меѓународна сцена, имајќи предвид дека таа 2019 година го однесе МЗТ Скопје до финалето во АБА 2 каде загуби од Приморска, екипа која една година подоцна се расформира. Тренерската кариера Кочов ја почна во Вардар каде, од друга страна, ја заврши играчката.
За Кочов ова е враќање во македонската репрезентација бидејќи дел од стручниот штаб беше во периодот во 2020 и 2021 година, додека на селекторската позиција работеше Александар Тодоров.
„Одлуката за ангажман на Ѓорѓи Кочов претставува уште еден јасен чекор во стратешката определба на Кошаркарската федерација на Македонија за градење силна, стабилна и конкурентна сениорска репрезентација, како и потврда на визијата за долгорочен развој и подем на македонската репрезентативна кошарка“, објавија од Кошаркарската федерација на Македонија.
Кочов ќе биде вклучен во работата на репрезентација веќе при првата следна акција, на крајот од февруари и почетокот на март кога Македонија ги продолжува претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, со дуелите против Луксембург во Скопје и Азербејџан во Баку.


