Стојан Ѓуроски повторно ќе биде еден од најискусните во македонската репрезентација која неделава ја очекуваат два натпревара од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Неговото значење за атмосферата во националниот тим е огромно, а 34-годишниот кошаркар се враќа во него откако поради повреда ги пропушти претквалификациите за Светското првенство што се играа во текот на летото. Тимот сега е драстично засилен и се очекува да помине доста подобро во однос на дуелите со Романија и Унгарија.
„Чувството е одлично, задоволство е и гордост да се претставува Македонија. Не настапив на последните натпревари поради повреда и убаво е што пак сум тука. Мислам дека ќе имаме одлична атмосфера, ќе ги анализираме противниците и ќе се спремиме за следните два меча. Уште ги немаме гледано ривалите, но ние одиме на победа без разлика кој е на другата страна. Имаме три дена подготовки, но за сите е исто. Имаме неколку повратници во екипата, сме играле и со Вајли заедно, така што нема да имаме проблеми да се воиграме“, изјави Ѓуроски.
Првиот натпревар Македонија го игра в четврток на домашен терен против Азербејџан, а три дена подоцна гостува во Ирска.


