Екипата на Гостивар му го нанесе третиот пораз по ред на Чаир, но поважно од се, себеси си обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија.
На домашен терен, гостиварци славеа со 90-75 и во четвртфиналето од Купот ќе се сретнат со најдобриот тим по првите 11 кола – ТФТ. Тимот на Љупчо Малинков го одигра можеби најдобриот натпревар оваа сезона и заслужено стигна до важниот триумф.
Со исклучок на воведните четири минути кои Чаир ги отвори со 4-0, во целиот тек на мечот во водство беше домашниот тим. Во седмата минута беше 14-8, во деветтата 22-11, а во вториот период предноста отиде на +14 со колку и заврши првото полувреме (45-31). Дури на една минута пред крајот на натпреварот Чаир успеа да спушти на едноцифрена негатива, но тоа не беше доволно за да ја загрози победата на противникот.
Грушановиќ беше најефикасен на мечот со 21 поен, а кај Гостивар се истакнаа уште Хемптон и Митевски со 17 поени и Роудс со 12 поени и 11 скока. Кирк го предводеше Чаир со 20 поени, а Какруки оствари дабл дабл со 17 поени и 14 скока.


