Со денешниот дуел меѓу Гостивар и МЗТ Скопје, почнува 17. коло од Првата македонска кошаркарска лига, последно пред тринеделната пауза во која ќе се игра завршницата од Купот и квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство.
Актуелниот шампион е огромен фаворит на мечот во Гостивар, не само поради очигледната разлика во квалитет, туку и поради одличната форма во која се наоѓа. Составот на Васко Атанасов е во серија од седум победи по која му избега на најблискиот следбеник на два бода разлика, додека Гостивар новата година ја почна со четири порази по ред и падна во зоната за испаѓање. Во првата пресметка на овие две екипи, Гостивар го намачи МЗТ, се играше и продолжение, но не се случи изненадување.

Останатите пет меча од 17. коло се играат утре, а дербито е во Кале каде засилениот ТФТ го пречекува Работнички во директен дуел за второто место на табелата. Тимот од Тафталиџе засега е втор, но падна во мала криза поради која во случај на пораз на утрешниот меч, може да доживее голем пад на табелата, во зависност од резултатите на другите екипи.
Интересно се очекува да биде и во Куманово каде МКК го пречекува Кожув што ќе биде и најава за нивниот дуел во четвртфиналето од Купот на Македонија, идниот четврток во Гевгелија.


