По четири порази во низа, екипата на Гостивар конечно дојде до триумф во домашното првенство откако го совлада Шкупи со 79-65.
Гостиварци го одиграа можеби својот најдобар натпревар оваа сезона, па конечниот резултат и не е одраз на она што се случуваше на теренот затоа што во одредени моменти, разликата одеше и над 20 поени. Шкупи беше конкурентен само во првите осум минути во кои водеше и со 7-2, но финишот му припадна на домашниот тим кој пред крајот од воведниот квартал направи и двоцифрена разлика (25-15).
Многу дилеми околу победникот беа решени по серијата од 11-0 во втората четвртина по која Гостивар отиде на високи 36-21, а точка на мечот беше ставена кон средината на третиот период откако домаќините отидоа и над +20. По највисоките 70-46, дојде до опуштање во редовите на Гостивар кое Шкупи го искористи за да намали дел од високата негатива.
Грушановиќ со 21 поен беше најефикасен кај Гостивар, Митевски и Роудс додадоа по 13, а Хемптон и Конагум по 12. Трибл и Вилијамс го предводеа Шкупо со по 15 поени.


