Екипата на Гостивар славеше во дуелот со Вардар, последен во Првата македонска кошаркарска лига за 2024 година.
Гостиварци триумфираа со 86-62 што е нивна втора победа во низа и вкупно петта во првите 12 кола од првенството. Овие 24 поени разлика се највисоки со кои победија сезонава.
Се на овој натпревар беше решено во првото полувреме кое домаќините го добија со 55-26. Во првата четвртина направија серија од 12-0 за водство од 26-9, а потоа само ја зголемуваа предноста до највисоките +35 на почетокот од последната четвртина (76-41).
Тренерот Љупчо Малинков им даде минутажа на сите кошаркари, а најефикасни беа Роудс и Соколов со по 14 поени. Капитенот Хусеин Бајрам повторно го предводеше Вардар, сега со 18 поени.


