Екипата на Феникс ја оствари шестата победа во низа откако попладнево го совлада Гостивар на негов терен со 89-75.
Со тоа гостиварци останаа само со теоретски шанси за пласман во плејофот бидејќи на три кола пред крајот на основниот дел од сезоната, заостануваат три победи во однос на Феникс и Чаир, од Феникс се послаби во меѓусебните дуели, а со Чаир треба допрва да играат и треба да им се поклопат многу резултати за да стигнат до седмото или осмото место. Од друга страна, единствениот преостанат ривал на Феникс за место во плејофот останува Тиквеш, но и тука се е сведено на теорија.
Вечерва Гостивар беше доминантен само во првата четвртина во која водеше и со 16-9. Кон крајот на првиот и почетокот на вториот период, Феникс направи серија од 9-0 и поведе со 30-23 по што до крајот не ја испушти предноста. Се беше решено уште на почетокот од второто полувреме кога гостите поведоа со највисоки 61-43, па остатокот од мечот помина во пријателска атмосфера на двете страни.
Андреј Митревски со 21 поен го предводеше тимот на Феникс, Димитриев постигна 18, а Бертранд 17. Ѓорѓевиќ со 21 поени и 10 скока беше најдобар во тимот на Гостивар.


