Првпат оваа сезона Тиквеш е во серија победи откако вечерва триумфираше на гостувањето кај Гостивар со 65-64.
По голема борба во текот на мечот, победникот се решаваше во последните секунди, а за израмнетоста на двете екипи најдобро зборува податокот дека ниедна од нив не успеа да направи повисока предност од шест разлика. Со оглед на тоа што дуелот директно одлучуваше за осмата позиција на табелата која води во плејофот, јасно беше дека ќе се води голема борба, а Тиквеш сега се наоѓа во многу подобра ситуација.
Трагичар на гостиварци е новиот играч Елис кој на три секунди пред крајот имаше можност да донесе израмнување и продолжение, но погоди само еднаш од линијата за слободни фрлања. На пет минути пред крајот Гостивар имаше предност и од четири разлика, но не успеа да ја задржи.
Глигоријевиќ со 22 поена и 14 скока беше убедливо најдобар играч на натпреварот, Хил додаде 17, а Квери 13 за Тиквеш. Ветеранот Дарко Соколов го предводеше Гостивар со 15 поени.


