Два месеца откако доби исклучително лоши вести за својата здравствена состојба, македонската судијка во голем стил се врати на кошаркарските терени.
Синоќа таа беше дел од тројката која го водеше пријателскиот меч на кадетските репрезентации на Македонија и Швајцарија во Кале со што го означи херојскиот кам-бек. Натпреварот го водеше заедно со Иван Мијалковски и Бисера Јакова, а по него ги изнесе своите импресии и воодушевеност од враќањето.
„По двомесечна пауза, моето враќање на теренот како кошаркарски судија беше исполнето со микс од возбуда и неизвесност. Искрено, имав многу прашања во главата, дали ќе успеам да се снајдам, дали ќе ја издржам физичката динамика на натпреварот и дали ќе го следам критериумот што го бара играта.
Сомнежот исчезна веднаш штом ја ‘свирнав’ првата одлука. Во тој момент, сè си дојде на свое место и влегов во ритам. Се чувствував сигурно, стабилно и поддржано, благодарение на извонредниот судиски тим што беше со мене, Иван Мијалковски и Бисера Јакова, делегатот, како и целата записничка маса, кои имаа разбирање и создадоа пријатна и професионална атмосфера.
Особено сакам да изразам голема благодарност до Кошаркарската федерација на Македонија за континуираната поддршка. Тоа што повторно бев на терен и што се снајдов одлично, ми донесе исклучителна радост и потврда дека сум подготвена и посилна од кога било. Овој натпревар за мене беше повеќе од само спортска задача, за мене значеше лична победа“, изјави Никочевиќ.
Таа е една од ретките дами судии во македонската кошарка и од 2023 година прв македонска женски судија со знакот на ФИБА. Таа е поранешна кошаркарка, покрај спортот е и професионален физиотерапевт, а со судење се занимава од 2016 година кога почнала да води натпревари во училишни лиги во Шведска. Зад себе има голем број важни натпревари, вклучувајќи го женскиот Суперкуп и натпревари од полуфинални и финални серии во сениорска конкуренција. За тешката болест дозна во јуни годинава кога ѝ се слоши на натпревар и мораше да направи лекарски прегледи за да види што се случува.


