Екипата на Феникс оствари изненадувачка победа на гостувањето во Кавадарци, совладувајќи го тимот на Тиквеш со 86-82.
Ова е прв триумф за скопскиот тим на гостински терен оваа сезона, откако претходно загуби од МЗТ Скопје, МКК Куманово и Пелистер. Победата дополнително добива на значење ако се знае дека пред крајот на првото полувреме, по кошот на Петар Бошалески, Тиквеш направи серија од 19-0 и имаше водство од 16 поени разлика (45-29).
На голем одмор беше 47-35, а во третиот период сосема нова слика на теренот. Феникс комплетира серија од 9-0, Тиквеш повторно избега на +12, но на 100 секунди пред крајот на четвртината, Феникс израмни на 63-53, а минута подоцна и поведе со 67-65. Домаќините се обидуваа повторно да го свртат резултатот во своја корист, но цела последна четвртина ја поминаа во негатива, не успевајќи дури ни да израмнат. Кога Ниа на нешто помалку од две минути пред крајот ги доведе гостите во предност од 86-80, стана јасно дека Феникс ќе ја однесе победата.
Рахама и Дајсон со по 23 поени го предводеа тимот на Феникс за кого Ниа додаде уште 19. Андерсон го предводеше Тиквеш со 19, а Бошалески постигна 18 поени.


