По победата над Данска и поразот од Грција, женската сениорска репрезентација на Македонија денеска го игра последниот натпревар од ноемврискиот циклус квалификации за Европското првенство во 2027 година.
Тоа ќе биде прво гостување за нашиот национален тим кој во Славонски Брод ќе се сретне со селекцијата на Хрватска, на хартија најсилен тим во групата, но кој во второто коло доживеа шок со убедливиот пораз од Данска на домашен терен. Хрватките влегуваат во мечот како убедливи фаворитки, пред се поради претходните високи победи во меѓусебните дуели. Во 2018 година ја победија Македонија со 108-47 и 90-27, а две години подоцна беше најтесно, 80-62.
Сеоак, дуелот со Данска покажа дека и хрватската е ранлива, но треба да се покаже желба и да се одигра одговорно во текот на сите 40 минути. Селекторот Александар Ашаданов се одлучи за една промена во составот, па на местото на Теа Трајковска, во екипата се враќа Јана Пислевска.
Натпреварот во Славонски Брод се игра од 18 часот, а вториот меч од истата група, меѓу Данска и Грција почнува половина час подоцна.


