МКК Куманово со победа го заврши основниот дел од сезоната откако вечерва славеше на гостувањето кај Вардар со 74-57.
Натпреварот го одбележа кошаркарот на кумановскиот тим Тадија Тадиќ кој оствари трипл дабл и влезе во друштвото на играчи со таков подвиг во македонското првенство. Србинот постигна 12 поени, 10 скока и 10 асистенции и е единствен кој оваа сезона оствари трипл дабл во Првата лига.
МКК Куманово беше голем фаворит на овој меч, имајќи предвид дека Вардар е без победа и сигурен второлигаш, но гостите дури во третата четвртина го скршија отпорот на противникот. Откако на голем одмор се замина со 36-31, кумановци го добија третиот период со 21-12 и во последните десет минути влегоа со +14 кои ги задржаа до крајот.
Покрај Тадиќ, кај МКК Куманово се истакнаа уште Радукиќ со 20 и Луковиќ со 19 поени, додека капитенот Бајрам со 18 поени беше прв стрелец на Вардар.


