Екипата на Шкупи остана во игра за пласман во плејофот откако вечерва славеше во дуелот со последнопласираниот Вардар со 115-95.
Прва ѕвезда на мечот беше кошаркарот на чаирчани Секој Сила кој оствари бројки какви ретко се гледаат во македонското првенство. За 36 минути во игра, тој постигна 46 поени и 24 скока за индекс 53, статистика која секако влегува во аналите на овдешната кошарка. Да не излезеше од игра на околу четири минути пред крајот, Сила веројатно ќе ја надминеше границата од 50 поени.
Што се однесува до мечот, Шкупи беше постојано во сигурно водство, а само еднаш (2-2) Вардар успеа да израмни. По шест минути игра беше 21-10, домаќините подоцна се доближија на 22-25, но на полувреме Шкупи веќе имаше 60 постигнати поени и водеше со 11 поени разлика. „Црвено-црните“ не се откажуваа, во вториот дел се доближија на -4, но предводен од Сила, Шкупи повторно отиде на висока разлика која потоа ја сочува до крајот.
Покрај Сила, кај Шкупи се истакна Мохамед со 27 поени и 11 скока, додека најефикасен играч на Вардар беше Христијан Настовски со 24 поени.


