Марјан Илиевски ќе биде 15. селектор на македонската репрезентација откако денеска беше назначен на функцијата.
Прв на оваа функција беше Александар Књазев кој ја водеше македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство во 1993 година што се одржаа во Полска, а што беше и прв официјален настап на македонскиот национален тим.
Во просек, Македонија менувала селектори на помалку од две години бидејќи двајца по два пати ја предводеа репрезентацијата – Јорданчо Давитков и Марин Докузовски. Давитков има најголем стаж, вкупно осум години на позицијата (од 2001 до 2007 и од 2017 и 2019 година), додека Докузовски го оствари најголемиот успех – четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година. Во периодот од 2012 до 2016, Македонија секоја година менуваше селектор и тогаш почна падот на резултатите на нашиот национален тим.
Останатите кои ја водеа репрезентацијата беа: Благоја Георгиевски, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Ѓикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца, Александар Тодоров, Драган Бајиќ и Александар Јончевски.


