Поранешниот македонски репрезентативец Владо Илиевски по подолго време се враќа во домашната кошарка, овојпат како функционер.
Од денеска тој официјално е координатор на сите национални репрезентативни селекции. Преговорите за негов ангажман почнаа уште во октомври, а финализирани се сега, пред месецот во кој претстојат нови натпревари на машката сениорска репрезентација во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
„Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.
Неговото огромно меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови ќе бидат ставени во функција на унапредување на работата на сите сениорски и младински национални селекции, подобра координација меѓу нив, како и дефинирање на стратешки насоки за нивен долгорочен развој“, стои во соопштението на МКФ.
Првата важна одлука која треба да ја донесе Илиевски е назначувањето нов селектор на машката сениорска репрезентација откако досегашниот предводник на националниот тим денеска поднесе оставка.


