Три дена откако помина загарантираниот период на недопирливост на претседателот на Кошаркарската федерација, иницијативниот одбор за промени поднесе барање за смена на Перо Антиќ.
Одборот го предводи Младен Ѓуроски, а промена на првиот човек на македонската кошарка беше побарана уште во декември, на годишното Собрание. Антиќ тогаш се повика на членот во Статутот, кој му гарантира дека две години од почетокот на мандатот не може да биде побарана негова „интерпелација“ и покрај тоа што за тоа гласаа 39 претставници на клубовите.
Дввегодишниот период помина на 29 март, а со оглед на тоа што денеска е прв работен ден по истекот, Ѓуроски поднесе барање за организација на Собрание на кое ќе се гласа за доверба на претседателот.
До Кошаркарската федерација тој поднел 37 потписи од претставници на клубовите што е над три пати повеќе од потребниот број. КФМ сега е должен да организира Собрание на кое ќе се гласа за доверба на претседателот, но не е исклучено Антиќ наскоро да поднесе оставка на својата функција.


