Екипата на Шкупи излезе од зоната за испаѓање откако во последниот натпревар од 16. коло на Првата македонска кошаркарска лига го совлада ТФТ со 87-82.
Тоа е трета победа по ред за чаирчани кои во вториот дел од сезоната играат како препородени, а претходно ги совладаа Чаир и Тиквеш. ТФТ, пак го доживеа вториот пораз во низа и сега заостануват две победи зад лидерот МЗТ Скопје и во прашање го доведе второто место бидејќи четири екипи сега се веднаш зад него на табелата.
Шкупи вечерва доминираше во најголемиот дел од натпреварот, но победата ја потврди во последните 80 секунди. ТФТ се доближи на 80-81 по поените на Говенс, ама не успеа да го направи последниот чекор. До крајот на мечот, гостите промашија дури четири шута, а Шкупи преку Стојановски, Сила и Арнолд отиде на +7 (87-80) што беше недостижно за противникот.
Сила со 24 поени и 10 скока беше најдобар играч на Шкупи, Арнолд додаде 19 поени, а Стојановски 15. Тома Стојаноски со 22 поена го предводеше тимот на ТФТ.


