Можеби Азербејџан е далеку од сериозна репрезентација, но секогаш годи победа со 38 поени разлика, особено на старт на претквалификациски циклус.
Нашиот национален тим славеше со 87-49 во првото коло од претлвалификациите за Европското првенство во 2029 година и ја потврди намерата да го освои првото место во групата што секако е главен императив. Репрезентацијата во овој состав ќе имаше што да каже и во летните претквалификации за Светското првенство, но ова е добар почеток на нова фаза која треба да кулминира со пласман на прво големо натпреварување по пауза од 14 години.
Азербејџан немаше сили долго да остане во игра на денешниот меч. Парираше до средината на првата четвртина, а потоа македонската репрезентација отиде на +9 со колку што и заврши воведниот период (22-13). Јакимовски го полнеше кошот, Војдан му се придружи, а покрај нив се разиграа и останатите кошаркари. Веќе во второто полувреме Македонија отиде на +19 и тоа им овозможи на другите кошаркари да играат растоварено и да им приредат атракции на присутните во Кале.
Андреј Јакимовски само покажа колку ѝ фалеше на оваа репрезентација претходните три години, постигна 25 поени и 11 скока за индекс 28, највисок на мечот. Војдан играше како во најдобрите денови, исто така оствари дабл дабл, со 16 поени и 11 скока, а се истакна и Лејсон Зеќири со 17 поени. Сите тројца не беа во комбинација на претквалификациите за Светското првенство што се играа летоска.
В недела македонската репрезентација го игра вториот натпревар од овој циклус, можеби најтешкиот, на гости во Ирска.


