По лошиот период минатиот месец, екипата на Тренто стигна до петтата победа во последните шест меча во сите натпреварувања откако вечерва ја совлада Будуќност со 91-90, по продолжение.
Мечот имаше исклучително интересен тек бидејќи Тренто испушти +7 во последната четвртина и +3 во последната минута. Италијанскиот тим дозволи да прими тројка на околу 20 секунди пред крајот на основниот дел од мечот по што не го искористи последниот напад за победа. Во дополнителните пет минути имаше неколку дискутабилни судиски одлуки, тренерот на Будуќност, Андреј Жакељ беше исклучен, а победникот го одлучи Стјуард со слободно фрлање на секунда пред крајот.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски продолжи со добрите игри и повторно беше двоцифрен, во рамките на својот просек. За безмалку 35 минути во игра постигна 13 поени и осум скока за индекс 16, втор највисок во својот тим.
Тренто остана на петтото место на табелата со биланс 6/5, но со третата победа во низа го зголеми притисокот врз Будуќност, а во следното коло игра на домашен терен против Лондон Лајонс.


