Поранешниот македонски репрезентативец Марјан Јанески во вториот дел од сезоната ќе игра во Првата кошаркарска лига (втора по ранг) откако потпиша договор со амбициозниот тим на Бутел.
Еден од највозрасните играчи во македонската кошарка (идниот месец ќе наполни 38 години), повторно ќе игра во понизок ранг бидејќи настапуваше во првата сезона во дресот на МКК Куманово и успеа да го однесе во елитната конкуренција. Истата цел ќе ја има и сега со Бутел кој по неколку забележителни резултати во „есенскиот“ дел од сезоната, ќе се обиде за првпат во својата кратка историја да обезбеди пласман во Суперлигата.
Јанески е активен кошаркар веќе две децении, почна во матичниот Гостивар, подоцна играше во Работнички, Торус, МЗТ Скопје, Куманово и МКК Куманово чиј член беше последните три сезони.


