Македонија ќе пропушти и трето Европско првенство во низа откако денеска загуби на гостувањето кај Естонија и дефинитивно ги загуби сите шанси за место кое води на континенталниот шампионат.
Селекторот Александар Јончевски по мечот ги сумираше впечатоците и даде преодна оценка за своите кошаркари само за првите 20 минути.
„Во првото полувреме го спроведовме она што го трениравме на подготовките за овој меч, го контролиравме рекетот, игравме добра одбрана и го запревме домаќинот на само 38 поени. Во вториот дел промашивме многу отворени шутеви, имавме 1/14 за тројка и ако не се искористат шанси против ривал како Естонија, со вакви навивачи и вакви играчи, тие знаат како да го казнат тоа. Треба да продолжиме понатаму и да се надеваме дека ќе ја оствариме нашата цел“, рече Јончевски.


