Репрезентацијата на Азербејџан утре во Скопје ќе ги отвори претквалификациите за Европкото првенство во 2029 година, а капитенот Амил Хамзајев нема големи очекувања од натпреварот.
Азербејџан бележи подем на клупската кошарка бидејќи има неколку екипи кои се натпреваруваат на европска сцена, таму настапуваат познати кошаркари од странство, но потценети се домашните играчи кои служат како декор во своите тимови. Федерацијата се обиде со неколку натурализирани кошаркари да го крене квалитетот на националниот тим, но Зек Ледеј не заигра, Донта Хол не можеше сам во претходниот циклус и тешко дека нешто ќе се промени наскоро во тој поглед. Хамзајев е реален и смета дека би било изненадување ако Азербејџан победи во Скопје.
„Со оглед на нашите моментални можности, сметаме дека ситуацијата е релативно добра, но, за вистински резултати можеме да зборуваме само по натпреварите. Немаме повреди, сите тренираат, само Орхан Ајдин овојпат не можеше да се приклучи на тимот. Ендар Поладханли исто така се врати и тренира.
Половина од нашите кошаркари во репрезентацијата не играат константно. Мислам дека ќе имаме одредени тешкотии во овој поглед, но че видиме како ќе се развиваат работите по натпреварите“, вели Хамзајев.
Тој има одредени сознанија за македонската репрезентација, но и нашиот тим е доста изменет во споредба со претквалификациите за Светското првенство играни летоска.
„Ќе биде тежок натпревар на гостински терен. Колку што знаеме, нивниот клучен играч Ненад Димитријевиќ ќе го пропушти претстојниот натпревар, но останатите ќе играат. Македонија има добар тим, а ние ќе дадеме сè од себе“, додава капитенот.


