Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ја зголеми конкуренцијата на странски кошаркари откако обезбеди пасоши за американските интернационалци Нејт Сестина и Омари Мур.
Двајцата оваа сезона настапуваат во Евролигата, Сестина во тимот на Олимпија Милано, а Мур во Валенсија со тоа што првиот ги покрива позициите 4 и 5, а вториот 1 и 2. Двајцата, заедно со Џејкоб Вајли, ќе бидат на поширокиот список на селекторот Марјан Илиевски за почетните два натпревара од претквалификациите за Европското првенство, против Азербејџан и Ирска што се на програмата идната недела.

Мур дојде во Валенсија во пресрет на оваа сезона од тимот на Дарушафака и веднаш се закити со трофејот од шпанскиот Суперкуп. За успех во тоа натпреварување му помогна и Сестина кој во почетната фаза од сезоната исто така беше член на Валенсија, а на 20 октомври се пресели во Олимпија Милано, како замена за Влатко Чанчар. Пред Валенсија, тој има играно и за Фенербхаче, Турк Телеком, Меркезефенди, Хапоел Холон и филијаланата на Бруклин Нетс, Лонг Ајленд.
Македонската кошаркарска репрезентација на 27 ноември го пречекува Азербејџан во Скопје, а три дена подоцна гостува на Ирска во Даблин.


