По безмалку две децении играње во Македонија и странство, поранешниот македонски репрезентативец Александар Костоски се враќа во својот матичен клуб.
Денеска тој потпиша 18-месечен договор со Работнички и треба да биде засилување за пролетниот дел од сезоната во кој Владимир Мирковски нема на располагање голем број искусни кошаркари бидејќи остана без Американците, како и без репрезентативецот Стојан Ѓуроски. Костоски беше без клуб од завршувањето на минатата сезона која ја помина во Пелистер, во меѓувреме се поврзуваше со голем број прволигаши, пред се МКК Куманово, но на крајот одлучи да остане во родниот град.
Тој ја почна кариерата токму во Работнички во 2006 година откако претходно ја мина и школата на клубот од Градски парк. Оттаму замина во францускиот Гравлен, а по враќањето, настапуваше и за Вардар, Брашов, Вардар Осигурување, Торус, Куманово, МЗТ Скопје, Питеши, Гостивар, ТФТ и Пелистер.
Со МЗТ Скопје во 2014 година беше шампион на Македонија и има два трофеја во Купот, по еден со МЗТ Скопје и ТФТ. Во 2013 година беше и прогласен за МВП на завршниот турнир од Купот.


