Денеска се одржа редовното годишно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија на кое, меѓу другото, беа донесени одлуки за усогласување на регулативите и нормативите со ФИБА стандардите.
Сепак, најголемо внимание предизвика точката за усвојувањето на годишнните извештаи за 2023 и 2024 година, период кога на чело на КФМ се наоѓаше Перо Антиќ, со неговите соработници. Собранието не ги усвои извештаите, а претседателот Томе Главчев објасни кои се причините за тоа.
„Се уште се прави ревизија на работењето на претходното раководство и додека не се заврши, не можеме да ги усвоиме извештаите“, рече Главчев.
Непосредно по преземањето на раководењето на Кошаркарската федерација, сегашните челници посочија дека нивните претходници трошеле душмански и дека е направена голема финансиска штета.
„Не би сакал никого да обвинувам додека ревизорската компанија не ја заврши анализата, но морам да кажам дека кога дојдовме, на сметката немаше пари ни за еден ручек, едвај околу 300 евра. Не е платен персонален данок, не биле исплаќани регреси на вработените, завршната сметка не беше одобрена… речиси ништо не е решено од финансиските проблеми. Посебна приказна се договорите со спонзорите кои повеќе се на штета на Федерацијата, отколку што носат нешто добро. Во овие 50-тина дена имавме неколку состаноци со потенцијални спонзори на кои јас и моите соработници буквално го ставивме својот образ како залог, за да се обидеме да ја подобриме сликата и да обезбедиме подобри денови за КФМ. Ќе го почекаме извештајот и потоа јавно ќе ги објавиме сите податоци“, рече пред крајот на јуни претседателот на КФМ, Томица Главчев, додавајќи дека душмански се трошело, па има една сметка од скопски ресторан во висина од 4.700 евра.
Обид за усвојување на завршните сметки за 2023 и 2024 година имаше минатиот декември на редовното годишно Собрание, но тогаш почна битката за смена на Антиќ и по четиричасовна дебата, седницата беше прекината.


