Кошаркарската федерација на Македонија в недела, на 21 декември во Кале ќе организира Собир на сите ѕвезди кој ќе биде малку поразличен од оние што беа организирани пред повеќе од една деценија.
Програмата ќе трае осум часа, од 12 напладне до околу 20 часот и во неа се планирани три натпревари:
1. 12:00 часот – All Star за македонските надежи (М20)
За овој натпревар, 11. клубови кои настапуваат во М20 лигата – мажи ќе номинираат по еден играч од својот клуб. Вкупно ќе бидат номинирани 11 играчи од клубовите, а останатите 13 играчи ќе бидат избрани од страна на стручните штабови на двете екипи.
2. 15:00 часот – Женски сениорски All Star натпревар
Осум клубови од Првата лига – жени, номинираат по еден домашен играч, а останатите седум домашни играчи, како и 12 странски играчи, по препорака на матичните клубови, ќе бидат избрани од стручните штабови на двата тима.
3. 18:00 часот – Машки сениорски All Star натпревар
Суперлигашките 12 клубови номинираат по еден македонски играч, а останатите домашни и странски играчи ќе бидат избрани од стручните штабови во среда.
Во меѓувреме ќе се одржат и ревијални натпревари: „шут за 3 поени“ и „забивање“. Во зависност од бројот на пријавени играчи, ќе се организираат квалификации кои ќе се одржат за време на натпреварот на македонските надежи (М20) и женскиот All Star натпревар, а финалните настапи ќе се одржат на машкиот All Star, при што најдобрите двајца во секоја дисциплина (шут за 3 поени – машка и женска конкуренција, и забивање – машка конкуренција) ќе се борат за победничките признанија.
Во паузите меѓу четвртините, по претходно утврден распоред ќе се изврши свечено доделување на награди и признанија за најуспешните поединци и колективи во сезоната 2024/25.


