Кошаркарската федерација на Македонија денеска објави дека на 21 декември ќе ги организира All Star натпреварите, кои повторно стануваат дел од официјалниот календар како симбол на современа, отворена и атрактивна кошарка.
Планирани се три натпревари:
● натпревар за македонските надежи (М20) – ѕвезди во подем,
● женски сениорски All Star натпревар,
● машки сениорски All Star натпревар.
Во двата сениорски натпревари ќе настапат селекциите Македонија – Свет, составени од домашни играчи и странски кошаркари кои настапуваат во најквалитетните сениорски лиги под капата на федерацијата.
Манифестацијата ќе содржи и атрактивна програма, однорно ревијални натпревари во забивање и шутирање за три поени, како составен дел од кошаркарскиот спектакл и дополнителна можност за промоција на вештината, креативноста и атрактивноста на играта. Во паузите меѓу натпреварите ќе се одржи и свечено доделување на признанија и награди за најдобрите поединци и колективи во сезоната 2024/25, како чин на почит и признание за квалитетот, трудот и професионализмот во македонската кошарка.
Повеќе информации за составите на екипите, стручните штабови и пропратните активности ќе бидат објавени во понеделник, 15 декември 2025 година.


