Денеска, точно напладне, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје треба да се одржи редовното годишно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија.
Навидум, ништо спектакуларно со оглед на тоа што седницата е обврска на раководството, а познати се и точките на дневниот ред. Ќе се усвојуваат записниците од изборното Собрание на 29 март 2023 и од вонредното дописно Собрание од 18 август 2023 година, како и извештајот за работата на Федерацијата и финансискиот извештај за 2023 година.

Сепак, не е исклучено денешната седница да добие поинаков тек, па дури и да се гласа за доверба на актуелното раководство на чело со Перо Антиќ иако постапката за тоа е малку комплицирана.
Извесен период постои иницијативен одбор за промени кој, како што тврди, ја има поддршката од клубовите и инсистира на смена на Антиќ. Дали денешниот ден ќе биде почеток на крајот за него како претседател на Кошаркарската федерација, ќе се знае за неколку часа.


