Дуелот меѓу Вардар и Шкупи, кој требаше да се игра вечерва од 18 часот во Кале, е одложен за утре.
Кошаркарската федерација остана на својата одлука да не дозволи да се играат натпревари во малата сала од СРЦ Кале затоа што записничката маса не е на пропишаното растојание од теренот. Интересно е тоа што ваквата одлука доаѓа дури во 15. коло од Првата македонска кошаркарска лига, а досега Вардар, како и Работнички, своите натпревари ги играа во таа сала.
„По чекање од 30 минути, констатирано е дека согласно пропозициите кои се наложени од Кошаркарскатта федерација на Македонија и Комесарот на лигата за одигрување официјални натпревари, салата на КК Вардар Скопје НЕ ги исполнува во моментот соодветните услови. Констатирано е дека просторот од 2 метра околу теренот за игра е помал во делот кај записничката маса, односно е помал за 50 сантиметри. Поради тоа, натпреварот меѓу екипите на Вардар и Шкупи не е одигран на ден 25.01.2025 година од 18 часот“, стои во записникот од овој натпревар.
Кошаркарскиот клуб Вардар ја прифати ваквата одлука и не сакаше да влегува во понатамошни дискусии со официјалните лица, најавувајќи дека правдата во овој случај ќе ја бара на суд каде ќе достави пријава против Кошѓаркарската федерација. Што се однесува до натпреварот, тој е презакажан за утре од 18 часот во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.


