Можеби на домашен терен имаше проблеми оваа полусезона, но Кожув ја завршува оваа етапа со речиси перфектен биланс на гости.
Вечерва во Битола, гевгеличани направија мало изненадување, совладувајќи го Пелистер со 83-76 за четврта победа во петтиот меч надвор од својата сала. Единствениот пораз го доживеаја од шампионот МЗТ Скопје.
Ваквиот исход на денешниот натпревар беше најавен во втората четвртина која Кожув ја одигра одлично и во која имаше и девет поени предност (38-29), пребродувајќи го со тоа лошиот старт на мечот во кој имаше и 11 поени негатива (11-22). Пелистер во третиот период и направи пресврт, но сето тоа кратко траеше бидејќи Кожув го диктираше темпото и во последните десет минути. На средината од четвртината ги достигна највисоките +11 (76-65), а домаќините до крајот не успеаја да се заканат и евентуално да направат уште еден пресврт.
Интересно е тоа што Пелистер сезонава доживеа четири порази, а дури три од нив се на домашен терен каде загубија и од МЗТ Скопје и од Пелистер.
Вашингтон одигра извонреден натпревар, со постигнати 31 поен и 10 скока, а уште четворица кошаркари на Кожув имаа двоцифрен ефект. Пелистер го имаше разиграниот Ленгстон Вилсон кој постигна 24 поени и 16 скока, но изостана помошта од клупа имајќи предвид дека резервите постигнаа само четири поени. Полусезоната двете екипи ја завршуваат со идентичен биланс (7/4), но Пелистер ќе ја дочека годината на третото место и нема да игра во првото коло од Купот на Македонија поради подобрата кош-разлика.


