Македонскиот прволигаш во женска конкуренција Крива Паланка славеше триумф во првиот меч од ВАБА 2 турнирот што викендов се одржува во подгорица.
Нашиот тим беше подобар од словенечкиот тим Јежица со 64-59 и покрај тоа што во црногорската престолнина пристигна на само четири часа пред почетокот на натпреварот. Се очекуваше заморот да ги совлада кошаркарките на Крива Паланка, но тие уште еднаш се надминаа и предводени од младиот стручњак Виктор Петровски забележаа победа која ги остава во игра за пласман на завршниот турнир од регионалното натпреварување.
Интересно е тоа што Крива Паланка го направи пресвртот во последната четвртина кога најмногу се очекуваше екипата да падне како последица на заморот. Финалните десет минути нашиот тим ги доби со 19-7 и од негатива од седум разлика, стигна до посакуваниот триумф.
Американските интернационалки го предводеа македонскиот тим, постигнувајќи 56 од вкупно 64 поени. Најдобра беше Алексис Пул која постигна 30 поени и 12 скока за индекс 36, Ниехус реализира 17 поени и 12 скока, а Грин додаде 9 ооен и 13 скока.
Со оваа победа Крива Паланка се израмни со лидерот Илирија на делба на првото место, а утре се среќава со Марибор и со евентуална победа, речиси сигурно ќе се пласира на Ф4.


