Словачкиот првак Левице направи изненадување откако синоќа триумфираше во финалето од квалификациската група и обезбеди пласман во главната фаза од Лигата на шампионите.
При ждрепката во јули, овој тим беше проектиран за ФИБА Европа купот и тоа во групата во која се наоѓа Пелистер, но ги победи сите три противници во квалификациите и заслужено ќе игра во повисокото натпреварување. Особено интересно беше синоќешното финале против Бакен Берс од Данска кое Левице го доби со 100-98 по две продолженија и со тројка со истекот на времето.

Така, на 20-тина дена пред почетокот на главната фаза во ФИБА Европа купот, Пелистер не го знае третиот ривал во групата. Според најавите на ФИБА, таму нема да биде поразениот од синоќешното финале (Бакен Берс), туку групата ќе се пополни со „среќен губитник“ од квалификациите за ФИБА Европа купот кои почнаа пред два дена, а ќе завршат на 1 октомври.
Тогаш и ќе се знае последниот противник во групата Д, во која покрај Пелистер се уште Цедевита Јуниор од Хрватска и Керавнос од Кипар.


