Екипата на Маџари го освои шампионскиот трофеј во Втората лига откако во финалето ги совлада Ангели со 79-67.
Двете екипи идната сезона ќе играат во елитната конкуренција со тоа што Маџари ќе дебитира, а Ангели се враќаат по три сезони поминати во понизок ранг. Без разлика што мечот немаше големо резултатско значење, поради спомнатиот пласман во Првата лига, кошаркарите дадоа се од себе, а победникот беше решен во последните минути.
Организаторот на натпреварот Маџари, кој беше домаќин поради тоа што основниот дел од сезоната го заврши на првото место, се погрижи целиот настан да биде на ниво на спектакл. Гости на мечот беа видни личности од јавниот и спортскиот живот во Македонија, организацијата беше врвна, како да станува збор за финале од Купот или од плејофот, а со сето тоа Маџари најави дека и во Првата лига ќе има што да каже и покаже.


